e-Society.mk

2008
2007
2006
2005
Контакт
Политика за приватност

Заклучоци и препораки Испечати Е-пошта

Заклучоци и препораки од конференцијата е-Општество.Мк 2006

e-soc2

Преземете ги Заклучоците и препораките од конференцијата е-Општество.Мк 2006 како .пдф документ (1,25 МБ)

 

 

 

 

 

 
Најдобри пракси при изградба на институционална рамка

 

 

  • Тековните доцнења во спроведувањето на националните политики и стратегии за развој на информатичко општество доведуваат до успорување на целокупниот процес на евроинтеграција на регионот. Итно и неодложно е потребно владите, освен декларативна поддршка, да обезбедат суштинско спроведување на проектите од акционите планови, со што ќе ја демонстрираат својата посветеност кон севкупниот општествен и економски развој.
  • Поврзувањето на владите во рамките на иницијативите еЈИЕ  и еЈИЕ+ на Пактот за стабилност обезбедува одлична основа за изградба на информатичкото општество и индивидуалните влади треба да го зголемат своето учество во неа. Едновремено, препорачуваме во иницијативата да се зајакне учеството и на чинителите од другите сектори – образованието, приватниот и невладиниот сектор.
  • Препораките се да се направи едно тело, агенција или посебно министерство, зависно од спецификите на државите. Ова тело треба да биде одговорно за донесување на неопходната законска инфраструктура и спроведување на националните стратегии и акциони планови за развој на информатичко општество. Истото тело треба да води грижа за регионална соработка и координација во насока на постигнување на заедничките цели.
  • Националните стратегии треба да бидат прилагодени кон новата стратегија на ЕУ за информатичко општество - и2010, едновремено обезбедувајќи зголемена поддршка на спроведувањето на веќе донесените политики и стратегии.
  • Треба да се јакне свеста дека изградбата на информатичко општество не е работа само на информатичарите, туку на сите граѓани и како таква треба да стане дел од главните општествени текови. Ова, меѓу другото ќе се постигне и со користење на јасна, недвосмислена и нетехничка терминологија при изработката на применети политики од оваа област.

 

Е-владеење и граѓанско учество

 

  • За развој на информатичкото општество во регионот е потребна силна политичка волја на владите преку спроведување на веќе донесените документи (национални стратегии, политики и акциони планови за развој на информатичко општество) и преку обезбедување на буџетски средства посебно определени за оваа намена.
  • Досегашните искуства укажуваат дека користењето на затворени стандарди доведува до тешкотии во работата и намалена можност за вклучување на сите чинители во развојот на информатичкото општество. За да обезбедат највисоко ниво на интероперабилност помеѓу сите корисници на е-услугите, властите треба да обезбедат непречена комуникација преку користење на отворени стандарди, пропишани од релевантните меѓународни организации и тела (ЕУ – IDABC , W3C, OASIS).
  • Во земјите од регионот веќе се нудат определени владини услуги по електронски пат. Но, владите треба да вложат напор за да ги обезбедат сите основни 20 е-услуги кои се земаат предвид при мерењето на нивото на развој од страна на ЕУ.
  • Успешните примери на воспоставување е-услуги укажуваат на потребата за сеопфатна и систематска соработка помеѓу сите министерства координирана од највисоко владино ниво.
  • Владите треба да вложат напори да се подигне нивото на јавна свест за полезноста од користењето на е-услугите, преку постојано информирање и едукација на граѓаните, со користење на расположливите механизми, особено преку формалниот образовен систем, како и зголемена соработка со невладиниот сектор и со медиумите.
  • Кај воспоставените системи за е-услуги, одговорните владини службеници треба да посветат особено внимание на нивно редовно одржување, ажурирање на информациите, како и на постојана обука на државните службеници и грижа за сигурноста на податоците.
  • Земањето предвид на слободниот софтвер при изборот на решенија за апликации за е-владеење ја зголемува конкурентноста на пазарот, која доведува до зголемување на квантитетот и квалитетот.

 

Слободен пристап до информации и заштита на лични податоци

 

  • Граѓанските права и слободи треба задолжително да бидат заштитени и при користењето на ИКТ, како предуслов за демократизација на општествата – човековото достоинство и благосостојба треба да бидат „срцето“ на е-општеството.
  • ИКТ го олеснува прибирањето на лични податоци од граѓаните спротивно на принципите на „неопходност“ и „пропорционалност“ – затоа е неопходна правна и институционална рамка за спречување на евентуална злоупотреба. Препорачуваме спроведување на насоките за заштита на приватноста и прекуграничен проток на лични податоци кои ги донесуваат меѓународните асоцијации како ОЕЦД на ниво на држави и ЕДРИ на ниво на европскиот невладин сектор.
  • Државните органи треба да вложат посебен напор за спречување на сите видови злоупотреба на приватноста со строго почитување на законите и воспоставување прецизни интерни процедури и објавување на нивните политики за приватност при сите форми на комуникација.
  • Проактивното спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ја зајакнува довербата на граѓаните кон институциите (иматели на информации) и ќе доведе до нивно поефикасно работење.
  • Доследното спроведување на Законот за заштита на личните податоци и Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и на другите релевантни европски стандарди, овозможува постигнување рамнотежа помеѓу овие две слободи.

 

Е-трговија, компјутерски криминал и законска рамка за сигурност

 

  • Сигурноста на ИКТ-системите во целост како и интегритетот на податоците овозможува односи на доверба помеѓу сите чинители како на национално така и на меѓудржавно ниво. Институциите, организациите и фирмите треба да се сертифицираат според меѓународните  општоприфатени стандарди за ИКТ сигурност како ИСО 17799 и 27001 како гаранција на сигурноста на нивните ИКТ системи.
  • Владите треба да вложат напори да се подигне нивото на јавна свест за важноста на сигурноста, преку постојано информирање и едукација, не само на одговорните лица во соодветните институции, туку и на граѓаните и на деловните субјекти, со користење на расположливите механизми, особено преку формалниот образовен систем, како и зголемена соработка со невладиниот сектор и со медиумите
  • Случаите на компјутерски криминал во земјите од регионот доведоа до нивното ставање на „црни листи“ што го оневозможува развојот на е-трговијата.  Потребна е координација, конкретна акција и јакнење на капацитетите на релевантните институции со цел да се намали влијанието на  компјутерскиот криминал и да се поправи негативниот имиџ.
  • За развојот на е-бизнисот треба уште многу да се направи преку развој на соодветна институционална рамка и негово поттикнување во приватниот сектор. Постојната понуда на финансиски е-трансакции засега е ограничена на поедини сегменти како на пример банкарството. Потребно е нивно сеопфатно воведување во јавните институции и приватните фирми со цел да заживее безготовинското плаќање и е-бизнисот воопшто.
  • Примената на нови технологии доведуваа до формална криминализација на огромен број граѓани, поради ситуации во кои многу луѓе можат да ги прекршат авторските права без да бидат свесни за тоа. Иницијативите како лиценците за Креативни заеднички содржини (Creative Commons) и за Википедија се добар пример дека луѓето што создаваат, не го прават тоа само за пари, туку имаат и друга мотивација: промоција, морална сатисфакција, желба за споделување на креативноста и помагање на заедницата. Потребна е промена на законската рамка, која моментно е фокусирана само на финансиската мотивација, во насока на овозможување и олеснување на заштитата на плодовите на креативниот труд, настанати и од други побуди.

 

Влијание на новите медиуми на применетите политики

 

  • Носителите на одлуки треба да го поттикнат и забрзаат процесот на дигитализација на медиумите со што ќе овозможат подигнување на техничкиот квалитет и пошироко реализирање на правата на изразување. Потребно е дефинирање на јасна стратегија за дигитализација на радиодифузијата која ќе биде усогласена со плановите на ЕУ.
  • Интернетот и другите форми на нови дигитални медиуми нудат многу повеќе начини за пренос на содржините до публиките, кои малку или воопшто не се под влијание на географските ограничувања. Дигитализацијата на медиумите и појавата на нови видови медиуми овозможува зголемување на достапноста и пристапноста на содржините до лицата со посебни потреби.
  • Државите треба да ги земат предвид промените кои ги носи дигитализацијата и да ги прилагодат законските рамки, особено внимавајќи на фактот дека ресурсите за пренос на содржините повеќе не се ограничени, како во случајот со терестијалната аналогна технологија. И во врска со интернет и во врска со дигитализираните поранешни радиодифузни медиуми, владите треба да ја земат предвид законската рамка врз основа на земјата на производство, а не врз основа на локацијата на потенцијалните публики.
  • Интернет и дигиталните  медиуми обезбедуваат простор за целосна реализација на слободата на изразување. Секако дека преку нив се пренесуваат и опасни и нелегални содржини, но државите мора да внимаваат и да прават разлика помеѓу случаите на безвкусни или непријатни содржини и она што е навистина нелегално, а особено да не донесуваат премногу законски ограничувања. Строгите ограничувања на содржините се покажаа како неефективни, оти тие не успеваат да го спречат она што регулаторите всушност сакаат да го спречат, туку неоправдано ги ограничуваат легалните и легитимни креатори на содржнини. Ова ја нагласува потребата за јасно и недвосмислено дефинирање на критериуми, надлежни тела и транспарентни процедури за одлучување, особено кога се работи за контроверзни содржини.

 

Партнерство, вмрежување и градење синергии за надминување на јазот помеѓу еЈИЕ и еЕУ

 

  • Прашањето на премостување на јазот еЕУ-еЈЕЕ е политичко прашање чие решавање бара политичка волја, но исто така многу е и техничко и економско прашање, така што не можеме да сметаме дека сите потреби ќе бидат задоволени одеднаш, односно само со политички одлуки, туку е потребно вмрежување и многу работа од сите нас со цел оваа пукнатина да се покрие.
  • Најголемите точки што се важни во имплементацијата во партнерствата се партнерствата помеѓу владите, бизнисите и граѓанскиот сектор. Воведувањето на алатки за мониторинг ќе овозможи едноставна соработка на сите субјекти, со што ќе се постигне зголемена контрола на процесот и вршење на постојан притисок врз одговорните за испорачување резултати.
  • Она што ни треба за премостување на јазот еЕУ-еЈЕЕ е одржливост, долготрајност, еден систем и пристап што практично ќе обезбеди одржливост бидејќи тоа што ни треба е иницијатива, сопственост и да не зависиме многу од надворешните проекти од регионалниот како и од државниот аспект.
  • Градењето партнерски однос помеѓу владиниот, приватниот и невладиниот сектор како и со меѓународните донатори е основа за одржлив развој на информатичкото општество во регионот. Во тој процес локалните чинители треба поефикасно да ја искористат можноста за стекнување знаења и искуства од меѓународните организации/институции/донатори, истовремено истакнувајќи ги потребите идентификувани од локалните заедници.

 

 

Организатор
Поддржано од


 

. Powered by Joomla. Technical implementation: Metamorphosis Foundation.