|
Иако Хрватска постигна значаен напредок во развојот на јавните
е-услуги, некои групи од населението како што се лицата со хендикеп или
старите лица, не беа консултирани во текот на тој процес. Поради тоа,
некои од услугите не се прилагодени на потребите на лицата со хендикеп
за кои придобивките од е-услугите би биле големи. Дигиталниот јаз во
земјата исто така не е опфатен иако има иницијатива на Министерството
за економија да постави интернет клубови за малите и средни
претпријатија во руралните области на Хрватска. Компјутерската
писменост е составен дел на школската наставна програма но и тука не е
опфатена постарата популација. Е-учењето добива се поголем замав во
Универзитетот во Загреб, но студентите со посебни потреби досега не го
исползуваа.
Поради краткиот временски период за спроведување на проектот, работилницата беше осмислена како работна сесија со акцент на пристапноста на е-услугите за лицата со посебни потреби/хендикеп. Првобитниот список на учесници беше многу поголем од конечниот, но некои организации (здруженија на лица со хендикеп) не беа заинтересирани или немаа ресурси за учество.
Централната државна канцеларија за е-Хрватска пружи голема поддршка, предложи говорници и обезбеди контакт со други јавни институции. Заменикот државен секретар за е-Хрватска, г-а Шимиќ веднаш го потврди своето учество со што ги охрабри и другите учесници да присуствуваат на работилницата.
Канцеларијата за е-Хрватска редовно спроведува истражувања според методологијата на ЕУ, така што веќе располагаше со податоци за достапноста на е-услугите. Сепак, недостасуваат податоци за пристапноста на е-услугите. Краткото истражување за употребата на ИКТ за инклузија во Хрватска, спроведено од ЗаМирНет, не резултираше со многу корисни информации, со што се потврдува дека користењето на ИКТ од страна на луѓето со посебни потреби во Хрватска е прилично ограничено. Дури и веб-сајтовите на јавните институции, со неколку исклучоци, не се пристапни.
Работилница
Работната сесија се одвиваше без тешкотии и, според учесниците, беше многу корисна. Се искористи можноста за размена на информации околу новите иницијативи на јавните институции кои не и се познати на пошироката јавност. Не е сосема јасно дали медиумите не покажаа доволен интерес за оваа тема или пак самите институции не посветија доволно внимание на обезбедувањето информации за нивната работа. Можеби тие иницијативи се толкуваат како многу специфични и од интерес на помалата група експерти во таа област и поради тоа не се претставуваат пред пошироката јавност. Соодветно, одредени заинтересирани страни немаа можност да дадат сугестии кои би можеле да придонесат за подобрување на иницијативите.
Дијана Шимиќ од е-Хрватска даде краток преглед на активностите поврзани со програмата е-Хрватска и напомена дека е потребен придонес од организациите на лица со хендикеп за да се подобрат сегашните е-услуги. Последниот проект на канцеларијата, порталот www.mojauprava.hr беше изработен во согласност со насоките за пристапност на иницијативата W3C. Хрватска инвестира во развојот на е-услугите и има значајни достигнувања во оваа област. Јелена Маниќ ја претстави состојбата на е-услугите во Србија, додека г. Бардил Јашари ја претстави состојбата на е-услугите во Македонија. Во двата случаи има недостиг на интерес за пристапноста на услугите. Александар Угриноски од Агенцијата за државни службеници на Македонија ја претстави апликацијата за вработување и селекција на службеници за јавната служба. Овој пример беше многу интересен за присутните кои се заинтересираа за применување на оваа иницијатива во своите земји.
Владо Приболшан од КАРнет ги претстави активностите на академијата за е-учење ЕЛА и забележа дека за жал, досега не се обрнало внимание на пристапноста, иако во нивното списание Едупоинт биле објавени неколку статии на оваа тема. Сандра Кучина Софтиќ од СРЦЕ го претстави проектот на новиот Центар за е-учење на Универзитетот во Загреб. Тоа е прилично комплексна иницијатива во која се вклучени многу заинтересирани страни и има можност да се осврне на пристапноста. Таа исто така ја претстави Стратегијата за е-учење на Универзитетот во Загреб, во која, за жал нема некаков осврт на инклузијата на студентите со посебни потреби.
Томислав Јужбашиќ од Здружението на слепи и лица со оштетен вид ги критикуваше услугите кои ги обезбедува универзитетот, а кои не се приспособени кон потребите на студентите со посебни потреби. Тој напомена дека организациите на лицата со посебни потреби имаат многу ограничени ресурси и дека е тешко да се дигитализираат сите книги потребни за слепите студенти и студентите со оштетен вид. Тој истакна дека сите материјали за студентите веќе можеле да бидат во пристапна форма поставени на веб-сајтовите на факултетите.
Данијела Бабиќ од ЗаМирНет одржа кратка презентација за состојбата со пристапноста на јавните и комерцијалните услуги во ЕУ и даде неколку предлози за меѓународната соработка.
На крајот, претставниците на бизнис секторот (Образование за ИТ и издаваштво) ја понудија својата соработка за проектот за ИКТ и лица со посебни потреби. Претставниците на Хрватските служби за вработување исто така ја изразија својата отвореност за соработка. Претставниците на Здружението на пензионери рекоа дека претходно не биле вклучени во таков вид на активности и политики поврзани со ИКТ, но истакнаа дека оваа тема е од големо значење за старите лица.
Заклучоци
Иако Хрватска постигна значаен напредок во развојот на јавните е-услуги, некои групи од населението како што се лицата со хендикеп или старите лица, не беа консултирани во текот на тој процес. Поради тоа, некои од услугите не се прилагодени на потребите на лицата со хендикеп за кои придобивките од е-услугите би биле големи. Дигиталниот јаз во земјата исто така не е опфатен иако има иницијатива на Министерството за економија да постави интернет клубови за малите и средни претпријатија во руралните области на Хрватска. Компјутерската писменост е составен дел на школската наставна програма но и тука не е опфатена постарата популација. Е-учењето добива се поголем замав во Универзитетот во Загреб, но студентите со посебни потреби досега не го исползуваа.
Канцеларијата за е-Хрватска потврдува дека има недостиг на инженери за ИТ кои можат да ги поддржат иницијативите насочени кон лицата со посебни потреби. Има празнина во наставниот план на Факултетот за компјутерски инженеринг.
Сепак, постои можност за меѓу-секторска соработка и меѓународна соработка на проектите поврзани со е-власт и инклузија. За време на состанокот, неколку организации и институции го изразија својот интерес за понатамошна соработка. Потребно е да се изработи прирачник за полагање на ЕЦДЛ печатен во Брајово писмо, за да се приспособат платформите за е-учење кон потребите на лицата со хендикеп, да се подобрат комерцијалните услуги преку воведувањето на т.н. говорен банкомат, да се приспособи на веб-сајтот на Хрватската служба за вработување кон стандардите на W3C итн. Канцеларијата за е-Хрватска дури предложи проект за образование и сензибилизација на државните службеници како и меѓународна конференција на оваа тема.
Извештајот го подготви Данијела Бабиќ
|